Ѕвездата на женското алпско скијање Микаела Шифрин има за цел да се врати на трките во март за велеслалом и слалом што започнува во Оре, Шведска.
-Се надевам дека ќе можам да се вратам на трките во Оре на 9 и 10 март, и навистина се радувам на тоа, рече Шифрин во видеото објавено на Инстаграм денес.
-Оваа недела можев да застанам на снег. Работите се одвиваат прилично добро, додаде таа.
Победничката на Светскиот куп и рекордерка во Светскиот куп, Микаела Шифрин го повреди коленото минатиот месец во Кортина д’Ампецо и оттогаш не се натпреварува. Во овој период таа и ја отстапи водечката позиција во генералниот пласман на Швајцарката Лара Гут-Бехрами.
-Во суштина, штом знаевме дека Андора и Вал ди Фаса нема да бидат можни за моето враќање, морав да го прифатам фактот дека ќе треба да почекам. Едноставно не беше можно да се вратам порано, додаде Шифрин.