По 40 години чекање: Ирак повторно ќе игра на Светско првенство

Фудбалската репрезентација на Ирак ќе настапи на Светското првенство 2026, ставајќи крај на четириесетгодишното отсуство од најголемиот светски фудбалски турнир.

За Ирачаните ова ќе биде само втор настап на Мундијалот во историјата, откако единственото претходно учество го имаа на Светското првенство во Мексико во 1986 година.

Пласманот на турнирот во САД, Канада и Мексико предизвика огромна радост низ цел Ирак. Илјадници навивачи излегоа на улиците на Багдад и другите градови за да го прослават успехот на националниот тим, кој се смета за еден од најголемите спортски достигнувања на земјата во последните децении.

Iraqi News Agency (INA)
До историскиот успех Ирак стигна по долг и исцрпувачки квалификациски циклус. Под водство на селекторот Греам Арнолд, репрезентацијата одигра повеќе од дваесет натпревари на патот кон Мундијалот, покажувајќи карактер и континуитет во текот на целиот квалификациски процес.

Медиумите ширум светот го оценија пласманот како една од најубавите приказни пред Светското првенство 2026, особено ако се земат предвид бројните предизвици со кои ирачкиот фудбал се соочуваше во изминатите години.

На претходното и единствено учество во 1986 година, Ирак настапи во групната фаза против Парагвај, Белгија и домаќинот Мексико. Иако тогаш не успеа да освои бод, самиот настап остана запаметен како историски момент за земјата.

Сега, четириесет години подоцна, новата генерација ирачки фудбалери ќе има можност да испише ново поглавје во националната спортска историја.

На Светското првенство 2026, Ирак ќе биде дел од Групата И и првиот натпревар ќе го одигра на 16 јуни против Норвешка. Во истата група се наоѓаат и Франција и Обединетите Арапски Емирати.

За ирачките навивачи, самиот пласман веќе претставува огромен успех, но амбициите на репрезентацијата се да го надмине историскиот резултат од 1986 година и за првпат да обезбеди пласман во нокаут-фазата на Светско првенство.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО