Бразилката пинг-понгарка, Бруна Коста Александре (29) ќе биде седмата спортист(ка) во историјата што ќе се натпреварува на Олимписките (ОИ) и на Параолимписките игри (ПОИ) во иста година.
Бруна Александре, која ја загуби раката поради згрутчување на крвта кога имала само три месеци, играше во Париз за репрезентацијата на Бразил, која во првото коло од екипното натпреварување загуби од Јужна Кореја со 1:3.
Александре прво играше во двојки со Џулија Такахаши, а потоа и во сингл, губејќи ги двата меча.
– Тоа не беше резултат на кој се надевав, но ние сме презадоволни од постигнатото. Не се предадовме до крајот. Кореја е една од најдобрите селекции. Успеав да освојам неколку поени, што ме прави многу среќна. изјави 29-годишната Бразилка која наскоро ја очекува настап и на ПОИ во Париз.
Таа ќе го има еден од најдолгите престои во олимпиското село. Таму пристигна на 15 јули, а ќе престојува и на ПОИ што се одржува од 28 август до 8 септември.
Досега таа има освоено сребро и три бронзени медали на ПОИ. Александре се надева дека ќе биде пример за другите инвалиди ширум светот:
– Она што сакам да го оставам зад себе е дека луѓето можат да направат сè. Без разлика дали ви недостасува рака или нога, не е важно, рече таа.
Досега 17 спортист(ки) учествувале на ОИ и на ПОИ, но само шест од нив во истата година.
Во Атланта 1996-та, прва тоа го стори Италијанката, Паола Фантато во стрелаштво. Потоа следуваше настапот на јужноафриканската пливачка, Натали ду Тоит (10 км отворена вода во Пекинг 2008), па на полската пинг-понгарка, Наталија Партика (Пекинг 2008, Лондон 2012, Рио 2016 и Токио 2020).
Јужноафриканскиот атлетичар, Оскар Писториус настапи во Лондон 2012-та, иранската стрелачка, Захра Немати во Рио 2016 година, и австралиската пинг-понгарка, Мелиса Тапер (Рио 2016 и Токио 2020 година).