Отказ за коментаторот што предизвика бојкот кај играчите на Барса и на ПСЖ

Шпанската тв- станица „Мовистар“ го отпушти стручниот коментатор, Херман Бургос, по контроверзната изјава за крилниот напаѓач на Барселона, Ламине Јамал, пред натпреварот во Лигата на шампиони (ЛШ) против ПСЖ.

Бургос крајно несмасно, веројатно со намера да биде духовит, прокоментирал една снимка на Јамал пред тв-камерите: „Ако не му оди во фудбалската кариера, може да заврши жонглирајќи на семафор“!

Фудбалерите на Барселона и на ПСЖ одбија да дадат изјави за Мовистар по натпреварот.

– Мовистар Плус осудува секаков вид дискриминација и нема да дозволи ваков тип на коментари од ниту еден од вработените или соработници поврзани со платформата, соопшти телевизијата.

Бургос веднаш се извини за забелешката која се толкува како посочување на луѓе кои настапуваат на семафори и бараат пари од возачите.

– Тоа беше коментар направен без намера некого да повредам. Зборувавме за фудбал, ништо друго. Ако се почувствува навреден, жал ми е и јавно се извинувам, рече тој.

Бургос (54), поранешен голман, одигра 35 натпревари за Аргентина во текот на кариерата и мина шест години во Шпанија, во Мајорка и во Атлетико Мадрид.

Јамал (16) е роден во Шпанија од родители од Мароко и од Екваторијална Гвинеја. Крилниот напаѓач, кој веќе одигра шест натпревари за Шпанија, стана најмладиот играч кој настапил во четвртфинале на Лигата на шампиони (ЛШ) на мечот во Париз.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО