„Мартовското лудило“ е најгледаниот настан во САД, по Супербоулот и НБА финалето

Во тек се осминафиналните натпревари во американската универзитететска кошаркарска лига (НЦАА) или т.н. „мартовско лудило“. Завршниот фајнал-фор турнир, ќе се одржи во Глендејл, Аризона, од 6 до 8 април, на мултифункционалниот стадион „Стејт фарм“ кој може да прими 63.400 гледачи.

Завршницата, или нокаут фазата во НЦАА, „мартовското лудило“, е еден од најпопуларните настани во САД, по НФЛ Супербоулот и НБА завршницата. Финалето на ова натпреварување е веројатно најгледаниот настан во земјата.

Проценките се дека американските компании губат околу 2,3 милијарди долари поради изгубеното работно време, затоа што мечевите од „мартовското лудило“ ги следат и оние што никогаш не гледале ниту еден кошаркарски натпревар во текот на годината, ниту пак ја знаат разликата меѓу „ зона“ и „човек“!

НЦАА има годишен приход од 1,1 милијарда долари, повеќето од „мартовското лудило“ (над 800 милиони приходи, главно од ТВ- правата на СБС и од Тарнер). ТВ- мрежите лани заработиле 1,5 милијарди од реклами бидејќи 30 секунди рекламирање за време на фајнал- форот чинат 1,5 милиони долари.

Лани заработката од билетите изнесувала 160 милиони, а градот Минеаполис, домаќинот на завршниот турнир, инкасирал 156 милиони долари во тие денови.

Во Минеаполис имало околу 100.000 посетители кои потрошиле многу долари за хотели, храна, превоз, сувенири…

Фразата „мартовско лудило“, која се користи за завршницата е од 1982 година, кога при преносите неколкупати ја изговорил спортскиот коментатор Брент Масбургер.

Во 1996 година таа фраза дошла и до суд, бидејќи средношколското првенство во Илиноис тврдело дека ја користела од 1939 година. Судската постапка довела до мошне невообичаена одлука, со која на секоја страна ѝ се дозволуваат посебни права за користење на „заштитниот знак“.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО