(ВИДЕО) НЦАА финале: Битката за титулата ќе ја решаваат „тешки“ центри  

Тимовите на универзитетите, Пердју и Конектикат ќе играат ноќеска во финалето на американската кошаркарска, НЦАА лига. Мечот ќе се игра во ноќта меѓу понеделник и вторник (од 3.30 часот) на стадионот „Стејт фарм“ во Глендејл, Аризона кој е со капацитет од околу 70.000 места!

Ѕвездата на Пердју, Зак Иди, имаше дабл-дабл ефект, 20 поени и 12 скока, и го предводеше својот тим до победата во полуфиналето, над Северна Каролина, 63:50.

Иди, кој има шанса на МВП признанието да ја додаде и шампионската титула, е 21-годишен Канаѓанец, висок 2,24 метри, исто колку и Французинот Виктор Вембањама од Сан Антонио, но тежок 136 кгр, 40 и повеќе отколку Вемби кога дојде во НБА.

Тој е центар што гравитра околу обрачот, и во друга ера несомнено би доминирал и меѓу професионалците. Но во НБА денеска играта е многу побрза, што не им оди во прилог на толку тешките играчи, односно се бара од центрите да бидат помобилни и да покриваат повеќе простор отколку во универзитетската кошарка.


Речиси е невозможно Иди да се запре во офанзива, а и во одбраната е одличен, но поради неговата брзина во работата со нозете, НБА клубовите се скептични дека тој ќе може офанзивно да ја надомести спороста во одбраната, поради што веројатно нема да биде високо рангиран на драфот годинава.

Вториот финалист, бранителот на титулата, Конектикат во второто полуфинале ја совлада Алабама со 86:72, а меѓу петте играчи кои постигнаа двоцифрен број поени се истакнаа Стефон Касл со 21 и Донован Клинган со 18 поени и четири блокади.

Клинган (20) е уште еден крупен центар, висок 2,18 метри, тежок 127 кгр. Тој исто така ќе се најде на драфтот летово, но и за неговата игра има слични прашалници како за онаа на Иди.


Конектикат лани ја освои петтата НЦАА титула, прва по 2014 година. Сега има шанса да стане првиот универзитет по Флорида (2006 и 2007 година) со две титули по ред.

Пердју никогаш не бил шампион, ова им е прво финале по 1969 година, на третиот фајнал-фор во историјата, прв од 1980 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО