Грчката кошаркарска ѕвезда, Јанис Антетокунмпо ќе стане првиот спортист, црнец, кој ќе го носи знамето на Грција на Олимписките игри (ОИ) во Париз. Двократниот МВП на НБА лигата ќе го носи знамето заедно Антигони Трисмпиоти во Париз, на 26 јули.
Грчката машка кошаркарска репрезентација се квалификуваше за првите ОИ од 2008 година, откако во неделата ја победи Хрватска пред домашна публика во Пиреја.
Патот на 29 -годишниот Антетокунмпо до олимписки знаменосец на Грција не беше воопшто лесен. Неговите родители емигрирале во Грција од Нигерија поради што тој во првите 18 години од животот не можел да патува надвор од Грција.
Практично бил без државјанство, немајќи документи ниту на Грција, ниту на Нигерија. На крајот му било издадено грчко државјанство, во мај 2013 година, помалку од два месеца пред НБА драфтот.
– Продавав работи од кога се сеќавам на себе, од шест или седум години. Секогаш бев надвор од дома и се обидував колку што можам да им помогнам на родителите, продавајќи часовници, очила, ЦД-а, ДВД-а, се’ што можев да најдам. Тоа го правев до 17-та година, затоа што морав. Немав друг избор, вели тој.