НБА пеј-оф: Бостон славеше и во вториот натпревар против Индијана, Браун постигна 40 поени

Бостон селтикс пред своите навивачи во „ТД Гарден“ беа подобри од Индијана пејсерс, 126:110 во вториот натпревар од НБА финалето на Источната конференција и поведоа со 2:0 во серијата до четири победи.

Пејсерс речиси целата прва четвртина водеа, и ја завршија со два поена предност (27:25). Но Селтикс со тројката на Џру Холидеј во последната минута од првата четвртина, ја почнаа серијата од 20:0. Гостите шест минути не дадоа ниту еден кош, а домаќините од -5 (22:27) отидоа на +15 ( 42:27).

Пејсерс успеаја да ја намалат таа негатива на шест поени (51:57), во петтата минута од третата четвртина дојдоа и на -2 (66:68), но се распаднаа до крајот на третиот период и им дозволија на Селтикс повторно да се одлепат и да стигнат до +15 (93:78).

Селтикс имаа целосна контрола на резултатот во последната четвртина, а најголемото водство (+19) го имаа на пет минути пред крајот, 113:94.

Џејлен Браун беше најефикасен кај Селтикс со 40 поени, личен рекорд во плеј-оф натпреварите. Џејсон Тејтум и Дерик Вајт постигнаа по 23 поени, а Џру Холидеј 15 поени и 10 асистенции.

Најдобар играч на Индијана беше Паскал Сијакам со 28 поени, а Ендрју Нембхард постигна 16 поени и пет асистенции.

Следните два натпревара од серијата ќе се играат во Индијанаполис, првиот рано наутро во недела (2.30 часот).

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО