(ВИДЕО) НБА Ол-стар: Меч со рекорден број кошеви, Лилард МВП

Источната конференција ја победи Западната конференција со 211:186, на НБА Ол-стар натпреварот што се одигра во Индијанаполис.

Поените што ги даде Истокот (211) беа нов рекорд на Ол-стар натпревар, надминувајќи ги 196-те постигнати кошеви на Западот во 2016 година. Вкупните 397-те поени на 73. Ол-стар натпревар го соборија рекордот (374) поставен во 2017 година.

Демијан Лилард, бекот на Милвок бакс, кој постигна 39 поени, од кои 11 тројки, беше прогласен за најкорисен играч, МВП на мечот.

– Ова е голема чест за мене. Сум бил неколкупати на вакви натпревари, така што да се добие едно вакво признание е нешто посебно, рече 33-годишниот Лилард по освојувањето на МВП трофејот „Коби Брајант“.

Покрај Лилард, во редовите на победничкиот тим се истакнаа Џејлен Браун од Бостон селтикс кој постигна 36 и Тајрис Халибартон од Индијана пејсерс со 32-та коша. Во тимот на Западот, Карл-Ентони Таунс од Минесота тимбервулфс беше најефикасен со 50 кошеви.

Леброн Џејмс (39) од ЛА Лејкерс учествуваше на рекордниот 20-ти Ол-стар натпревар. Но поради повредата на зглобот одигра само 14 минути за Западот и постигна осум поени.

Во врска со Џејмс беше објавено дека Голден Стејт вориорс се обидел да го ангажира пред истекот на рокот за размена на играчи, на 14 февруари.

– Многу сум среќен што сум Лејкер во последните шест години и се надевам дека така ќе остане. Но, немам одговор за тоа уште колку долго ќе го носам тој дрес или пак некој друг. Се надевам дека ќе биде на Лејкерс, изјави тој пред натпреварот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО