На мечот Феникс санс – Филаделфија сиксерс, 115:102, Кевин Дурант постигна 22 поени, шутирајќи 10/18 од поле, и со тоа го престигна Шекил О’Нил на осмото место на листата на најдобри стрелци во историјата на НБА лигата.
Дурант (35) стигна до бројката од 28.610 поени во кариерата и мина повеќе великани сезонава, вклучувајќи ги Хаким Олаџувон, Елвин Хејс, Мозес Мелоун и Кармело Ентони.
Дурант, 14-кратен Ол-стар, во 17-та НБА сезона, не покажува знаци на забавување, постигнувајќи речиси 28 поени во проек по натпревар.
– Благодарен сум што сум во оваа категорија, со некои од најдобрите. Сите знаеме што значеше Шек за кошарката. Значи, да се биде околу него е голема, голема чест според мене, рече Дурант кој за време на тајм-аутот, доби честитки од О’Нил преку видео порака.
На Дурант веројатно ќе му треба уште една година пред да се најде на седмото место на листата на кое се наоѓа Вилт Чембрлен, со 31.419 поени во кариерата.
Ѕвездата на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс е единствениот играч во НБА историјата кој постигнал најмалку 40.000 поени, минувајќи го Карим Абдул-Џабар сезонава. Натаму следуваат Карл Мелоун, Коби Брајант, Мајкл Џордан, Дирк Новицки и Чембрлен.