Надал: Мислев дека ќе се удавам во сопствената плунка, морав на психијатар

Легендарниот шпански тенисер, Рафаел Надал, во новиот документарец на „Нетфликс“ откри досега непознати детали од најтешкиот период во својата кариера.

Освојувачот на 22 грен-слем титули призна дека 2015 година била вистински кошмар за него, не само на теренот туку и во приватниот живот.

– Во текот на целата 2015 година имав многу тешка ситуација, не можев да ги контролирам моите емоции – призна Надал.

Шпанецот откри дека проблемите биле толку сериозни што постојано носел шише вода со себе.

– Морав постојано да носам шише вода со мене за да не се удавам во сопствената плунка – изјави Надал во шокантното признание што го пренесе „Марка“.

Тој додаде дека на крајот побарал стручна помош.

– Сфатив дека морам да одам на психијатар и тој ми даде лек што ми помогна – откри Шпанецот.

Таа сезона беше една од најлошите во неговата кариера. Освои само три помали титули, а на Ролан Гарос беше елиминиран од Новак Ѓоковиќ уште во четврт-финалето.

Надал зборуваше и за моментот кога реши да го вклучи Карлос Моја во својот стручен штаб, додека неговиот чичко, Тони Надал, дозна за тоа од медиумите.

– Не беше пријатно. Мојата намера не беше да си замине Тони, туку да го додадам Карлос – објасни Надал.

Шпанецот призна дека снимањето на документарецот било дополнителен предизвик, особено за неговото семејство и за луѓето околу него.

– Можеби сум навикнат да бидам изложен, но за луѓето околу мене тоа е многу потешко – заклучи легендарниот тенисер.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО