Поранешниот италијански арбитар Џанлука Роки се најде под лупа на обвинителството во Милано, поради сомнежи дека вршел притисок врз ВАР-судиите во изминатите две сезони.
По завршувањето на кариерата во 2020 година, Роки доби висока функција во Фудбалскиoт сојуз на Италија, каде што беше задолжен за делегирање судии во првиот и вториот ранг на италијаскиот фудбал.
Сепак, токму таа позиција, според истрагата, можеби ја користел за да влијае врз судиските одлуки.
Истрагата ја води миланското обвинителство предводено од Маврицио Асионе, а Роки се товари за здружување и можна вмешаност во спортска измама. Се сомнева дека имал директно влијание врз одлуките што се носеле во ВАР-собата.
Во јавноста веќе се споменуваат и конкретни натпревари. Еден од нив е дуелот меѓу Удинезе и Парма од март 2025 година, кога, според наводите, извршил притисок врз судиите Даниеле Патерна и Симоне Соца да биде досуден пенал.
Токму овој случај се смета за клучен во сомнежите дека Роки директно влијаел врз ВАР-одлуките.
Дополнително, се проверува и неговата можна улога во ситуацијата кога не беше покажан црвен картон за Алесандро Бастони на натпревар на Интер против Верона во сезоната 2023/24.
Медиумите во Италија најавуваат дека истрагата може да се прошири и на други натпревари, особено оние во кои ВАР-одлуките биле спорни и често оделе во корист на одредени клубови, што дополнително ги зголемува сомнежите дека не станува збор за изолирани грешки, туку за можен системски проблем.