МЗТ Скопје по 12-ти пат е шампион на Македонија

Екипата на МЗТ Скопје успеа да ја добие финалната серија против ТФТ со 3-1 и да ја одбрани титулата од кошаркарското првенство на Македонија. „Штрковите“ од Аеродром го добија четвртиот меч против дебитантот во финалните пресметки, ТФТ, со убедливи 53-77.

За МЗТ Скопје ова е вкупно 12-тата титула, односно шестта по ред, а од 2012 година кога го освоија деби-трофејот па до сега не застанаа на кошаркарскиот трон само во 2018 година, кога титулата ја освои Работнички и со онаа Ковид-19 сезона, кога шампион не беше прогласен, иако до моментот на прекинот МЗТ беше прв.

Што се однесува до мечот против ТФТ, „аеродромци“ не ги повторија грешките од третиот натпревар и многу рано го решија прашањето околу победникот. Екипата од скопско Тафталиџе водеше само еднаш, со 3-2, на стартот од мечот, а во продолжение од првата четвртина МЗТ Скопје дојде до најубедливи +12 поени разлика, 11-23.

Во вториот период, МЗТ Скопје притисна уште повеќе и дојде и до 24 поени разлика, а на полувремето замина со водство од 25-44. Третиот период започна во знакот на ТФТ, па предноста на МЗТ Скопје се стопи на „само“ 10 поени разлика. Сепак, во финишот од периодот, актуелниот шампион повторно се одлепи и во завршната четвртина влезе со 16 поени предност.

Последната четвртина беше само обична рутина за кошаркарите на МЗТ Скопје, кои знаеја како да ја сочуваат предноста, а со тоа и победата која значи и 12-та титула. На крајот веќе сите, и кошаркарите и навивачите во исполнетата спортска сала „Кале“ чекаа само да истече времето, а со тоа да започне и прославата.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО