Меси планира да ја заврши кариерата во Интер Мајами

Лионел Меси има намера да ја заврши кариерата во Интер Мајами, но сè уште не е подготвен да се пензионира.

Аргентинецот Меси (36), осумкратниот освојувач на „Златната топка“, му се приклучи на Интер во американската МЛС лига минатото лето откако го напушти ПСЖ. Претходно тој имаше блескава кариера во Барселона, со која четири пати ја освои Лигата на шампиони (ЛШ), заедно со 10 титули во Ла лига.

Победникот на Светското првенство (СП) 2022 година во Катар има договор со Интер Мајами до 2025 година, со опција за дополнителна година.

– Мислам дека ова ќе биде мојот последен клуб. Но се’ уште не сум подготвен да го напуштам фудбалот, изјави напаѓачот за ЕСПН.

Меси не игра како некој што размуслува за пензија. Сезонава даде 12 гола и имаше 13 асистенции на 12 натпревари за лидерот во МЛС. Тој ќе се надева дека ќе ја задржи таа форма и на Копа Америка овој месец во САД. Аргентина го брани трофејот освоен во 2021 година.

– Беше тешко да се напушти Европа и да дојде овде. Фактот дека сум светски шампион помогна многу да ги видам работите поинаку. Сакам да играм фудбал, уживам во тренинзите, во натпреварите.

Помалку се плашам дека наскоро ова ќе заврши. Затоа многу повеќе уживам во се’, во малите детали кои знам дека ќе ми недостигаат кога ќе престанам да играм, вели Меси.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО