Мексикански картел ги заплашувал фудбалерите на Еквадор пред мечот со Мексико?

Поразот на Еквадор од Мексико со 2:0 во шеснаесетфиналето на Светското првенство предизвика големи реакции во оваа јужноамериканска земја.

Ситуацијата дополнително се вжешти откако дел од еквадорските медиуми објавија тврдења дека неколку фудбалери наводно биле изложени на закани од лица поврзани со мексикански нарко-картели непосредно пред натпреварот.

Според тие наводи, дел од репрезентативците пред излегувањето на теренот на стадионот „Ацтека“ добиле телефонски повици во кои им биле соопштени приватни информации за членови на нивните семејства, вклучувајќи адреси и рути на движење во Еквадор и Мексико.

Еквадорските медиуми тврдат дека токму тоа можело да влијае врз психолошката состојба на тимот, кој против Мексико одигра еден од најслабите натпревари на турнирот.

Сепак, за овие сериозни обвинувања засега не се презентирани јавно достапни материјални докази. Повеќе извори од Еквадор пренесоа слични информации за наводно заплашување, но случајот сè уште нема официјална потврда.

За можните притисоци зборуваше и познатиот еквадорски новинар Карлос Вера, кој истакна дека има сознанија оти семејството на еден репрезентативец наводно било цел на закани.

„Дали мафијата упатила закани? Имам информации дека тоа се случило со семејството на еден наш репрезентативец кој живее во Мексико. За останатите не можам да тврдам со сигурност, но само такво сценарио може да го објасни она што го видовме на теренот“, изјави Вера.

Од друга страна, Фудбалскиот сојуз на Еквадор, ФИФА и надлежните власти во Мексико соопштиле дека не добиле ниту една официјална пријава и дека не располагаат со информации што би ги потврдиле ваквите наводи.

Мексиканските медиуми ги отфрлија обвинувањата, оценувајќи дека станува збор за обид да се најде оправдување за елиминацијата на Еквадор и да се намали значењето на заслужената победа на домаќинот.

Засега, тврдењата за вмешаност на мексикански картели остануваат на ниво на медиумски наводи и не се потврдени со официјални докази или изјави од самите фудбалери.

Доколку во наредниот период се појават конкретни докази или сведоштва од актери во случајот, ова би можело да прерасне во еден од најголемите скандали во историјата на Светските првенства.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО