Италијанецот Јаник Синер и Бугаринот Григор Димитров се финалисти на тенискиот Мастерс турнирот од серијата 1000 во Мајами.
Во првото полуфинале, Синер го декласираше бранителот на титулата, Данил Медведев со 6:1, 6:2 за само 1,11 часа игра, а Димитров го совлада Германецот Александар Зверев, со 6:4, 6:7, 6:4.
Синер по третпат ќе игра во финалето во Мајами, но досега не го подигна победничкиот пехар. Пред три години загуби од Полјакот Хуберт Хуркач, а лани од Медведев. Интересно, за него ова се два од трите порази во финалињата, покрај 12-те победи.
– Се чувствував одлично. Обично колку подалеку одам на турнирот, толку поудобно се чувствувам. Презадоволен сум. Данил направи многу грешки, што обично не ги прави. Јас ја искористив приликата, изјави 22-годишниот Италијанец по петтата победа во 11-те средби со Медведев (28) со кого последен пат играше во финалето на Австралија опен кога славеше по 3,44 часа игра.
Второто полуфинале донесе далеку потензичен натпревар. На Димитров, кој во четвртфиналето го елиминираше првиот носител, Шпанецот Карлос Алкараз, му беа потребни 2,30 часа за победа против Зверев, олимпискиот победник од Токио.
– Тоа беше како борба гради во гради. Одевме еден на друг со сите сили. Во вториот сет Александар го подигна нивото на својата игра, а јас бев под притисок цело време, изјави Бугаринот, кој во понеделник ќе се пробие меѓу првите 10 на АТП ранг листата.
За 32-годишниот бугарски тенисер тоа ќе биде 20-то финале, а досега има победено на девет турнири.