Маскирани „Бед блу бојс“ нападнале навивачи на Бетис во Загреб!

Група маскирани „Бед блу бојс“ навивачи на Динамо, нападнале четворица навивачи на шпанскиот фудбалски клуб Бетис во Загреб, кои дошле да го следат мечот со Динамо, објави весникот „Диарио де Севилја“.

Неименуваните жртви за шпанскиот весник изјавиле дека биле нападнати во вторникот вечерта по пристигнувањето во Загреб.

– Излеговме од таксито и ја баравме точната локација на хостелот. Одеднаш ни пријде еден човек и учтиво не’ праша каде сме сместени. Откако му одговоривме, тој ги повика другите што беа во близина. Тие не’ испрскаа со солзавец и почнаа да не’ тепаат.

Во нападот учествувале осум маскирани лица. Откако ги испрскале по очите, тие на гостите им украле ранец и две знамиња на Бетис.

– Ме соборија и ме потиснаа, имам повеќе модринки на ногата. Но некако успеавме да избегаме, изјавил едно од нападнатите момчиња.

Шпанците нападот го пријавиле во хрватската полиција, која веднаш излегла на терен и зела отпечатоци од прстите на жртвите, велејќи им дека ќе се обидат да ги најдат украдените предмети.

Полицијата им кажала и дека најверојатно биле нападнати од членови на „Бед блу бојс“ бидејќи во близина се наоѓа нивното официјално здружение.

– Полицијата ни кажа дека бевме нападнати од „ултрашите на Динамо“ бидејќи нашиот хостел е оддалечен само неколку метри од нивните простории, изјави навивачот на Бетис.

Според описот се чини дека станува збор за Илица 37, на локација во близина на плоштадот бан Јосип Јелачиќ, во центарот на градот, пишуваат хрватските медиуми.

Полесно повредените гости рекле дека ќе го сменат сместувањето, и ги повикале  другите навивачи на Бетис да бидат внимателни при престојот во Загреб.

Бетис им продаде околу 400 влезници на своите навивачи, од вкупно 1.254 колку што им беа на располагање.

Динамо и Бетис вечерва (од 18:45 часот) ќе го играат реванш натпреварот од 1/16 финалето во Лигата на конференции (ЛК). Пред една недела Динамо триумфира со 1:0 во Севилја, на мечот на кој УЕФА на навивачите на Динамо им забрани да патуваат.

УЕФА не им дозволува на навивачите на Динамо влез на европските стадиони сезонава бидејќи лани во август во Атина најнасилните „Бед блу бојс“ се судрија со навивачите на АЕК, при што беше убиен еден грчки навивач.

Тие таму отпатувале иако им било забрането. Во Грција беа приведени над 100 луѓе кои се нарекуваат навивачи на Динамо, а судската постапка против нив се’ уште трае.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО