Македонските кошаркари со максимални шест победи ги завршија европските претквалификации

Македонската машка кошаркарска репрезентација ја заврши првата фаза од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 со максимален ефект, откако вечерва триумфираше и на гостувањето во Луксембург со 80:66 и со шест победи во исто толку натпревари убедливо го освои првото место во групата „А“.

Со уште едно сигурно издание, македонските кошаркари потврдија дека поседуваат квалитет што го надминува претквалификациското ниво.

И покрај бројните кадровски промени, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал одиграа уште еден зрел и дисциплиниран натпревар. Во Луксембург не допатуваа Андреј Јакимовски и Марко Луканоски, а на местото на Ди-Џеј Стјуард дебитираше Нејт Сестина. Дополнително, стручниот штаб реши да му даде одмор и на капитенот Војдан Стојановски.

Со само деветмина активни кошаркари во ростерот, македонската репрезентација уште од самиот почеток ја наметна својата игра и агресивната одбрана и добрата реализација донесоа водство од 23:15 по првата четвртина.

Во вторите десет минути, македонските кошаркари одиграа уште поквалитетно. Разликата постојано растеше, а на полувремето Македонија веќе имаше убедливи 46:27.

Луксембург успеа да возврати во третата четвртина, која ја доби со 22:17 и ја намали негативата на 49:63, но тоа беше сè што домашниот состав успеа да направи. Во последниот период, избраниците на Берокал повторно ја стабилизираа играта, не дозволија неизвесност и рутински го приведоа натпреварот до крај.

Дебито во македонскиот национален тим Сестина го одбележа со 18 поени и пет скокови, а одличен натпревар одигра и Ташовски, кој постигна 16 поени, додавајќи по седум скокови и асистенции.

Втората рунда од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 започнува на 27 август.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО