Македонија на вечерашната ждрепка ќе ги дознае ривалите на СП

Вечерва (19.30 часот) во концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, ќе се одржи ждрепката за составот на групите за Светското првенство (СП) во ракомет што од 12 јануари до 2 февруари 2025 година ќе се игра во Норвешка, Данска и во Хрватска.

На СП ќе учествуваат 32 репрезентации, меѓу нив и Македонија, кои ќе бидат поделени во осум групи. Македонските ракометари извлекувањето го чекаат од третиот шешир и не ќе може да играат против Полска, Катар, Бразил, Аргентина, Куба, Јапонија и Алжир.

За извлекувањето на топчињата ќе бидат одговорни хрватскиот селектор, Дагур Сигурдсон, репрезентативниот голман, Доминик Кузмановиќ, норвешкиот репрезентативец Александар Блонц, како и еден дански репрезентативец кој се’ уште не е одреден. Целиот процес ќе се одвива под надзор на водечките луѓе на Светската ракометна федерација (ИХФ).

Во првата рунда репрезентациите ќе бидат поделени во осум групи со по четири селекции. Во вториот круг ќе се пласираат трите најдобри репрезентации од секоја група.

Во втората рунда ќе се формираат нови четири групи, а ќе бидат пренесени бодовите од првата рунда. Двете најдобри селекции од тие групи ќе играат во четвртфиналето.

Во Хрватска, во првата рунда натпреварите ќе се играат во четири групи. Две во Загреб, а по една во Вараждин и во Пореч. Последнопласираните селекции од првата рунда ќе играат во Президент купот чиј домаќин ќе биде Пореч.

Во втората рунда, градови домаќини ќе бидат Загреб, Вараждин, Осло и Хернинг, со по една група. Две четвртфинални средби ќе се играат во Загреб, а по една во Осло и во Хернинг. Едното полуфинале ќе биде во Загреб, а другото во Осло, каде што ќе се игра финалето и мечот за третото место.

На СП ќе настапат домаќините, Данска, Норвешка и Хрватска и уште 15 репрезентации од Европа. Тоа се Македонија, Исланд, Австрија, Холандија, Словенија, Чешка, Португалија, Шпанија, Унгарија, Италија, Полска,  Франција, Германија, Шведска и Швајцарија.

Од Африка се Египет, Тунис, Алжир, Зеленортските Острови и Гвинеја, од Јужна Америка доаѓаат Бразил, Аргентина и Чиле, а од Северна Америка, Куба и САД.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО