Македонија гостува кај Фарските Острови со желба за добар резултат пред реваншот

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва гостува кај Фарските Острови во првиот бараж меч за место на Светското првенство (СП) 2025-та кое ќе се игра во Хрватска, Норвешка и Данска.

Ракометната мисија на македонските репрезентативци нема да биде лесна, ждрепката им даде ривал кој е во сериозен подем, но за да го задржиме континуитетот на настапи на големите собири мора да го добиеме овој двомеч.

Македонската репрезентација има континуитет на настапи на големите натпреварувања од 2012 година и е редовен учесник на Европските и на Светските првенства, а тој континуитет мора да продолжи за доброто на ракометот во Македонија.

Македонските ракометари од вчера се во Торшавн, каде што одржаа и еден тренинг во салата „Хилин а Халси“. Станува збор за мал спортски објект кој собира околу 1.000 гледачи и се очекува да биде полн за дуелот со Македонија, што би требало да биде предизвик повеќе за нашите ракометари.

Што се однесува до репрезентацијата на Фарските Острови, оваа селекција на претходното Европско првенство (ЕП) беше вистинско освежување. Иако не ја минаа групната фаза, тие имаа одличен настап, против Словенија и Норвешка.

Главни играчи во оваа селекција се Елиас Елефсен а Скипаготу кој игра за Кил, тука е и Хакун Вест Ав Теигум од Фуксе Берлин, а поголемиот дел од тимот настапува во првенствата во Скандинавија.

Тоа значи дека Македонија за противник ќе има одличен тим, на кого букмејкерите му даваат предност. Но македонските репрезентативци знаеле и досега на гостински терен да одиграат одлично и да забележат победа

Најважно е на првата средба да се одигра добро и да се оствари добар резултат пред реваншот во Скопје, в недела.

ЕХФ се одлучи за оваа средба да делегира женски судии, за Мајке Мерц и Тања Кутлер од Германија. Натпреварот се игра вечерва од 20 часот, а реваншот е в недела (12 мај) во СЦ „Борис Трајковски“ од 19 часот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО