Мајкл Едвардс се враќа на голема врата во Ливерпул

Газдите на Ливерпул, Фенвеј спортс групацијата (ФСГ) го назначија поранешниот спортски директор Мајкл Едвардс, за главен извршен директор за фудбал.

Едвардс доскоро ги одбиваше понудите да се врати во Ливерпул, откако менаџерот Јирген Клоп објави дека ќе се повлече на крајот од сезоната. Но, на почетокот од март тој со клупските челници одржа дополнителни детални дискусии за неговата нова улога.

– Мајкл е еден од највозбудливите извршни таленти во светскиот фудбал. Тој ни се враќа во нова, поголема улога и со пошироки овластувања од претходно. Беше јасно дека за него поширокиот опсег ќе биде клучен мотивационен фактор за какво било потенцијално враќање.

За среќа неговите амбиции се совпаѓаат со нашите. Тој ќе ги превземе одговорностите што претходно ги имав јас во Ливерпул, изјави претседателот на ФСГ, Мајк Гордон.

Едвардс му се приклучи на Ливерпул во 2011-та, стана спортски директор во 2016-та пред да го напушти клубот во летото 2022 година.

По заминувањето тој одби голем број понуди да се врати „во игра“, што вклучуваше водење на фудбалските операции во Челси и во Манчестер јунајтед.

Неговата нова улога во ФСГ ќе вклучува реструктурирање на фудбалските операции во Ливерпул. Тој ќе го има последниот збор околу изборот на нов спортски директор кој потоа ќе биде одговорен за идентификување и за регрутирање на наследникот на Клоп.

Едвардс донесе голем број клучни играчи како спортски директор на Ливерпул, вклучувајќи го голманот Алисон Бекер, дефанзивецот Вирџил ван Дајк и напаѓачот Мохамед Салах.

„Црвените“ потоа ја освоија Лигата на шампиони (ЛШ) во 2019 година, а во 2020 година триумфираа во Премиер лигата со што беше ставен крај на 30-годишното чекање на домашната титула.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО