ЛШ: Вечерва ќе бидат познати сите четвртфиналисти

Во Лигата на шампиони (ЛШ) вечерва (21 часот) ќе се одиграат последните два реванш осминафинални натпревара по кои бидат познати осумте тима, четвртфиналисти.

Во Мадрид, Атлетико го пречекува европскиот вицепрвак, Интер кој има минимална предност од првиот меч (1:0), а Борусија Дортмунд се среќава со ПСВ (во Ајндховен беше 1:1).

На Интер кој е пред освојување ново „скудето“ му се даваат повеќе шанси за натамошен прогрес поради добрата форма и серијата од шест победи во низа во сите натпреварувања. Атлетико игра променливо, загуби три од последните шест натпревари, со две победи и едно реми.

Но мечевите во ЛШ, посебно во нокаут рундата се нешто посебно, решава инспирацијата, желбата, па и искуството кое Атлетико го има на претек.

– Ќе се соочиме со веројатно еден од најдобрите тимови во Европа. Но, јас верувам во моите играчи и во мојот тим, и знам дека ќе одиграат добар натпревар што ќе бара висока концентрација и тимот што ќе ја поседува ќе победи, изјави Диего Симеоне, тренерот на Атлетико.

Дефанзивецот на Борусија Дортмунд, Нико Шлотербек, е уверен дека предноста на домашниот терен ќе му помогне на неговиот тим да го елиминира ПСВ.

– На наша страна ќе бидат 80.000 луѓе на вечерен меч во Лигата на шампиони. Таму, на нашиот стадион, сме непобедливи, рече тој.

Како потсетување пласман во четвртфиналето на ЛШ веќе обезбедија шест тима: Манчестер сити, Реал Мадрид, Барселона, Баерн Минхен, Арсенал и ПСЖ.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО