ЛШ: Шпанските тимови со (не)достижна предност пред реваншите

Барселона вечерва го пречекува ПСЖ, во реванш четвртфиналето од Лигата на шампиони (ЛШ), дуел што со нетрпение го очекуваат навивачите на двата тима, но и неутралните љубители на фудбалот.

На првиот меч парижаните беа посочени како фаворити, но избраниците на Чави Ернандез покажаа дека се во добра форма и сосема заслужено победија со 3:2. Доколку Каталонците ја одбранат предноста ќе се пласираат во полуфиналето, за прв пат од 2018/19-та. ПСЖ последен пат играше во полуфиналето во сезоната 2020/21.

Барселона е во серија од 13 последователни натпревари без пораз, 10 победи и три ремија. Во директните натпревари со ПСЖ, Каталонците се подобри, со шест победи наспроти четирите успеси на парижаните.

Борусија Дортмунд ќе ја брка негативата од еден гол од првиот меч (1:2) против Атлетико Мадрид. Таа мала предност им оди во прилог на избраниците на Диего Симеоне, кои се  поискусни во вакви израмнети битки.

Атлетико е во подобра форма, забележа три последователни победи. Борусија пак загуби два меча во низа, пред да забележи победа над Борусија Менхенгладбах од 2:1 минатиот викенд.

Двете екипи не ќе можат да сметаат на стрелците од првата средба во Шпанија. Суспендиран е Самуел Лино кој го постигна вториот гол за Атлетико, а повреден е Себастијан Алер, кој погоди за Борусија.

Победникот од оваа пресметка во полуфиналето ќе игра со подобриот од дуелот Барселона-  ПСЖ.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО