Реал Мадрид вечерва го пречекува Баерн Минхен на „Сантијаго Бернабеу“ во уште една епска пресметка во Лигата на шампиони (ЛШ) по минатонеделното реми во првиот меч (2:2). Победникот ќе се пласира во финалето и ќе игра против Борусија Дортмунд, на „Вембли“ на 1 јуни.
Реал Мадрид е незгоден противник за Баварците, бидејќи „кралевите“ го елиминираа во минатите три дуели. Германците мака мачат против Реал Мадрид и на последните осум средби се без победа, претрпеа шест порази, а двапати ремизираа.
Карло Анчелоти има многу добар скор против баварскиот гигант, со шест победи, три нерешени и ниту еден пораз на деветте натпревари на клупата на Милан и на Реал Мадрид.
Реал Мадрид минатиот викенд ја обезбеди рекордната 36-та титула во Ла лига по убедливата победа над над Кадиз од 3:0. Тибо Куртоа и Едер Милитао беа стартери по опоравувањето од сериозните повреди.
Покрај тоа, Анчелоти ги одмори практично сите стартери, кои ќе бидат свежи за вечерашната мега пресметка. Единствен проблем е повредата на Давид Алаба.
Причина за оптимизам кај Реал Мадрид дава и статистиката која вели дека на последните пет домашни натпревари во сите натпреварувања, „кралскиот клуб“ постигнал најмалку по два гола.
За Баерн Минхен минатиот викенд беше далеку од позитивен. Загуби на гости од Штутгарт, 1:3, а го загуби и Рафаел Гереиро, кој се повреди. Добрата вест е дека Серж Гнабри, Лирој Сане, Матајис де Лихт и Дајо Упамекано се во подобра состојба и ќе му бидат на располагање на Томас Тухел.
Баерн има само еден пораз на последните 12 натпревари против шпанските тимови, дома или на гости (седум победи и четири ремија), но уште загрижувачки е тоа што испадна во шест од последните осум дуели против екипи од оваа земја.
Германскиот тим може да остане без трофеј сезонава, за прв пат по 2012 година, а ЛШ останува единствената шанса.
На патот до полуфиналето, Баерн ги елиминира Лацио и Арсенал во нокаут фазата, а Реал Мадрид беше подобар од Лајпциг, и минатогодишниот освојувач на трофејот, Манчестер сити.