ЛШ, полуфинале: Баерн Минхен – Реал Мадрид, дуел меѓу гиганти со 20 европски титули

Вниманието на европската, па и светска фудбалска јавност, вечерва (од 21 часот) ќе биде насочено кон минхенската арена „Алијанц“ каде што Баерн Минхен и Реал Мадрид ќе го играат првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампиони (ЛШ). Реваншот во Мадрид е на 8 мај.

Реал кој е во 33-то европско полуфинале што е рекорд, се пласираше меѓу четирите најдобри екипи со исфрлањето на ланскиот првак, Манчестер сити, на пенали во четвртфиналето. Баерн, кој пак го игра 21-то полуфинале, го елиминира Арсенал.

Ова е осмо полуфинале меѓу двата тима во ЛШ/КЕШ, пет повеќе од која било друга двојка во историјата на ова натпреварување. На досегашните 26 европски меча, скорот е 12 победи за Баерн, 11 за Реал, со три ремија и гол разлика 41:39. Двата тима имаат освоено вкупно 20 европски титули, Реал 14, Баерн шест.

– Баерн против Реал Мадрид, тоа е еден од најголемите натпревари. Потребна ни е добра форма на денот на двата натпревара, мораме да дадеме се’ од себе за да стигнеме до финалето, изјави капитенот Мануел Нојер

Баварците во мечот влегуваат во добро расположение по четирите победи во низа во сите натпреварувања,

– Реал има јасни шеми на игра. Тоа е мешавина од „дијамант’ во средниот ред, понекогаш и со двајца офанзивни играчи во средниот ред. Тие се многу флексибилни, многу зрели и целосно автоматизирани, вели Томас Тухел, тренерот на Баерн додавајќи дека неговиот тим треба да биде максимално концетриран во сите 90 минути.

„Кралевите“ од Мадрид се во серија од 18 натпревари без пораз во сите натпреварувања и се пред освојување нова титула во Ла лига. Во петокот вечерта го победија Реал сосиедад, на гости со 1:0, иако одмораа повеќе клучни играчи.

– Имаме самодоверба, иако играме против противник со одличен индивидуален квалитет. Баерн е клуб со голема историја и со многу искуство во ова натпреварување. Многу сме задоволни што сме тука. Дојдовме дотука со многу труд и работа, изјави Карло Анчелоти, тренерот на Реал.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО