Лоша сезона за Барселона, се прости и од „кралскиот куп“

Атлетик Билбао ја елиминира Барселона од шпанскиот„кралски куп“ победувајќи ја во четвртфиналето на стадионот „Сан Мамеш“ со 4:2.

Инаки Вилијамс, кој се врати во Билбао во средата наутро од Купот на Африка по шокантната елиминација на Гана, беше стрелец на третиот гол во продолжението.

Неговиот помлад брат Нико, кој настапува за Шпанија, со четвртиот гол во последните моменти ја завери победата и пласманот на Атлетик во полуфиналето.

Минатата недела од „кралскиот куп“ беше елиминиран и Реал Мадрид, од градскиoт ривал Атлетико, исто така со 2:4. Барселона и Реал освоија 10 од минатите 15 куп трофеи. Нив им се придружи и Жирона, лидерот во Ла лига, најпријатното изненадување сезонава, која загуби од Мајорка, 2:3.

Пласман во полуфиналето покрај Атлетик и Мајорка, обезбеди и Реал сосиедад со победата над Селта, 2:1. Вечерва во последниот четврфинален меч се среќаваат Атлетико Мадрид и Севилја.

Полуфиналните натпревари треба да сe играат во февруари, а финалето, на стадионот „Ла Картуха“ во Севилја на 6 април.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО