Ледецки ќе атакува на четвртото олимписко злато во иста дисциплина!

Седумкратната олимписка шампионка, Американката Кејти Ледецки ќе се обиде да му се придружи на сонародникот, Мајкл Фелпс кога ќе тргне по четвртиот по ред златен медал во истата дисциплина на Олимписките игри (ОИ) во Париз летово.

Станува збор за трката на 800 метри слободно во која Ледецки првото злато го освои во Лондон 2012-та, на 15 години. Следните два триумфа на 800 метри, во Рио 2016 и во Токио 2020-та, се меѓу 10-те олимписки медали што ги има освоено.

Фелпс е единствениот што има освоено четири златни медали по ред во иста дисциплина. Тој победи на 200 метри мешано во Атина 2004, Пекинг 2008, Лондон 2012 и во Рио 2016-та.

Ледецки испиша историја на американските олимписки квалификации во Индијанаполис, станувајќи првата жена која освоила четири титули во иста дисциплина, на 800 метри слободно. Таа победи со време од 8:14,12 минути, побрзо за повеќе од шест секунди од второпласираната.

На ОИ во Париз, Ледецки ќе настапи во трките на 400 метри слободно, 800 метри слободно и на 1.500 метри слободно, како и во штафетата 4×200 метри слободно.

Меѓу оние што ќе и се придружат на Ледецки во Париз ќе биде и Калеб Дресел, кој освои пет злата во Токио, но паузираше во 2022 година. Тој во Индијанаполис победи на 100 метри пеперутка и на 50 метри слободно.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО