Лече го „ослободи од должностите“ тренерот-насилник!

Раководството на Лече реши да му врачи отказ на тренерот Роберто Д’Аверса по инцидентот во кој тој удри противнички играч, по поразот од Верона, 0:1.

По завршувањето на натпреварот, тренерот на Лече го удрил со глава напаѓачот на Верона, Французинот Томас Анри кој паднал на колена! Тогаш судијата им покажал црвен картон на тренерот и на повредениот играч на Верона.

Раководството на Лече во соопштението истакна дека „силно ги осудува постапките на тренерот кои се против нашите и спортските вредности“, додавајќи и оти го „ослободува од должностите“.

Д’Аверса имаше договор со Лече до крајот на сезоната. Тој го презеде тимот минатото лето и забележа само шест победи на 30-те натпревари во Серија А и во Купот на Италија.

– Не беше убаво тоа што направив, го знам тоа. Немам оправдување, но јас влегов на теренот за да се обидам да ги спречам моите играчи да не бидат исклучени бидејќи Верона многу не’ провоцираше во последните моменти и по последниот судиски свиреж, изјави Д’Аверса.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО