Фудбалерите на Аталанта направија голем чекор напред кон пласман во полуфиналето на Лига Европа (ЛЕ) откако во првиот четвртфинален натпревар на „Енфилд“ го совладаа Ливерпул со 3:0. Головите за тимот од Бергамо ги постигнаа Џанлука Скамака (38 и 60) и Марио Пашалиќ (83 минута).
Солидна предност за реваншот обезбеди и Баер Леверкузен, кој го победи Вест хем со 2:0, постигнувајќи ги двата гола во завршницата од натпреварот. Стрелци беа Јонас Хофман (83) и Виктор Бонифас (90+1 минута). Тоа беше 42. натпревар за Баер без пораз сезонава во сите натпреварувања.
Лидерот во германскиот шампионат доминираше во текот на целиот натпревар против последниот победник во Лигата на конференции (ЛК). „Фармацевтите “ имаа 65 проценти посед на топката и дури 32 удари кон противничкиот гол. Лукаш Фабијански бранеше брилијантно, но на крајот двапати ја вадеше топката од мрежата.
Во италијанската пресметка Рома го совлада Милан на „Сан Сиро“ со 1:0, а решавачкиот гол беше дело на Џанлука Манчини во 17. минута. Милан сезонава победи на двата првенствени натпревара, а до овој натпревар загуби само една од последните 13 меѓусебни средби.
Во последниот меч од вечерта, Бенфика го победи Марсеј со 2:1. Португалскиот тим поведе со 2:0 со головите на Рафа Силва (16) и Анџело ди Марија (52 минута), а за Марсеј погоди Пјер-Емерик Обамејанг (во 67-та). Реваншите се на 18 април.