Лазаров: Алкалоид оди по потешкиот, но победнички пат

Ракометарите на Алкалоид, клубот формиран пред само три години, сезонава го освоија првиот трофеј, Купот на Македонија. Во шампионатот беа трети, место што води во еврокуповите. Алкалоид е успешен и во младинските категории во кои доминира во Македонија.

Тоа беше повод за денешната средба на клупските челници и на тренерот Кире Лазаров, со новинарите на која се направи осврт за успешата сезона.

– Акалоид е клуб формиран пред три години. Тогаш го одбравме потешкиот пат, знаејќи дека е вистинскиот. Се соочивме со доста прерпреки, но решивме да работиме за доброто на клубот, за доброто на македонскиот ракомет и спорт. Се надевам дека ќе продолжиме да растеме, иако знаеме дека нема да биде воопшто лесно, истакна Лазаров кој го освои првиот победнички пехар како тренер во кариерата.

Тимот на Алкалод тргна по нагорна линија откако Лазаров го презеде првиот тим.

– Трофејот во купот е многу битен за нас, значи голема сатисфакција, тоа е патот по кој треба да продолжиме и тоа ќе не’ води напред. За неполни 72 часа успеавме да ги победиме двата најголеми клуба во Македонија, Еурофарм Пелистер и Вардар, тоа е голем, помалку неочекуван успех.

Бевме трети место во Лигата и повторно сме во Европа. Посебно ми е мило што сме успешни и во младинските категории. Апелирам до раководството на клубот што повеќе да вложува во овие категории, бидејќи тоа е иднината на македонскиот ракомет, вели Лазаров

Македонската ракометна лига од година во година е се’ подобра. Еурофарм Пелистер, Вардар и Охрид имаа(т) многу странски ракометари, по 10-на. Алкалоид пак, со само еден странски ракометар успеа да биде рамноправен со нив.

– На останатите клубови во Македонија им порачувам да не гледаат конкуренти во нас, напротив. Ги повикувам и тие да инвестираат во младите играчи. Само така ќе го задржиме ракометот и натаму да биде спорт број еден во Македонија, истакна Лазаров.

Директорот на РК Алкалоид, Горан Минов, на средбата со новинарите исто така изрази задоволство од постигнатото во минатата сезона.

– Сениорите успешно се претставиja во Европската лига во која ги освоивме првите бодови, а го положивме испитот и во организацискиот дел. Преку домашното првенство изборивме место во Европа, а посебна сатисфакција е освоениот Куп на Македонија.

Станавме прваци во пионерска, кадетска и во младинска конкуренција. Голема благодарност до Кирил Лазаров како и до ракометарите кои максимално се вложија и ја направија сезоната да биде најдобра и најуспешна до сега, истакна Минов.

Алкалод денеска се прости со двајца ракометари, Дарио Кофилоски и Никола Василевски кои следната сезона нема да го носат дресот на тимот од Автокоманда.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО