Ла Лига: Атлетик го доби баскискотo дерби со Алавес, Реал сигурен на пат кон титулата

Во последниот саботен натпревар од 29. коло на шпанската Ла Лига, во дербито на Баскија, фудбалерите на Атлетик го победија Алавес со 2:0 на својот стадион „Сан Мамес“ во Билбао.

Атлетик направи голем чекор кон трите бода по првото полувреме кога создаде предност од 2:0. За двата гола заслужен беше стрелецот Горка Гурузет, кој ја погоди гостинската мрежа во 32. и 37. минута. Но сѐ можеше да биде поинаку доколку на само минута пред првиот гол гостите реализираа пенал, но Риоха не беше прецизен од белата точка. Потоа, во вториот дел мрежите мируваа и Атлетик мирно го приведе натпреварот до крај.

Оваа победа го донесе Атлетик на четвртото место на табелата, клубот од Билбао го прескокнува Атлетико Мадрид, додека Алавес остана на 13-то место.

Фудбалерите на Хетафе остварија значајна победа на домашен терен, со 1:0 беа подобри од второпласираната Жирона. Во 33. минута Јелу Сантијаго го постигна единствениот гол на натпреварот, а и покрај тоа што Жирона напаѓаше до крајот, создаваше прилики и бараше бод или сите три, домашните ги издржаа сите напади и на крајот славеа.

Оваа победа го искачи Хетафе на деветтото место на табелата. Жирона е втора и има десет бода помалку од лидерот Реал. Третата Барселона има бод помалку од Жирона, но и натпревар помалку. За Жирона ова беше петтиот првенствен пораз сезонава.

Многу едноставно, фудбалерите на Реал Мадрид направија нов чекор кон титулата во шпанската Ла Лига, на гостински терен ја совладаа Осасуна со 4:2. Реал поведе веќе во четвртата минута кога домашната одбрана направи кикс. Винисиус Жуниор ја украде топката и лесно го постигна првиот гол на натпреварот. Осасуна брзо се врати во игра, израмнувајќи само три минути подоцна. Стрелец беше хрватскиот напаѓач Анте Будимир, кој по изведениот корнер се најде на вистинското место и го постигна 15-от гол сезонава во Ла Лига.

Серијата голови продолжи и во 18. минута кога Дани Карвахал го врати Реал во водство, а потоа се играше прилично изедначено до 61. минута. Со нови брзи два гола, Реал потоа го реши мечот. Стрелци беа Брахим Дијаз во 61. минута и уште еднаш Винисиус Жуниор во 64. минута. Во самиот финиш на натпреварот Муњоз ги постави конечните 2:4.

Со натпревар повеќе водечкиот Реал повторно има десет бода предност пред Жирона, додека Барселона има 11 бода помалку од Мадрид. Осасуна остана на десеттото место.

Во првиот натпревар од саботната програма фудбалерите на Мајорка освоија три домашни бода по победата од 1:0 против Гранада. Мрежите мируваа до 85. минута кога домашниот дефанзивец Раиљо го постигна решавачкиот гол за конечните 1:0. Со тоа Гранада ја продолжи негативната лигашка серија, на последните девет настапи во Ла Лига има три нерешени меча и дури шест порази.

Гранада остана на претпоследното место на табелата, додека Мајорка направи чекор напред и сега е на 14-то место.

Сите преостанати натпревари од оваа рунда ќе се играат в недела, а двојките се Севиља – Селта, Лас Палмас – Алмерија, Виљареал – Валенсија, Рајо Ваљекано – Бетис и Атлетико Мадрид – Барселона.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО