Куп на Македонија: Тиквеш и Воска спорт ќе играат за првиот трофеј

На националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, во среда (19 часот) во 31-то финале од Купот на Македонија ќе се сретнат екипите на Тиквеш и на Воска спорт.

Во полуфиналето Тиквеш го елиминира Шкупи, на пенали,5:3 (0:0 и 0:0) а Воска спорт беше поуспешна од Македонија Ѓорче Петров (2:0, 1:2).

За првпат во финалето се пласираа екипи кои досега никогаш не играле меч за титула и за трофеј. Тиквеш и Воска спорт преку овој натпревар ќе имаат шанса за „излез“ во Европа, односно во квалификациите за Лигата на конференции (ЛК).

Треба да се спомене дека на последните шест финалиња дури петпати, односно четири пати во низа, пеналите го решаваа победникот. Во 2020 година поради пандемијата на ковид-19 не се одигра финалето

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска соопштија дека влезниците за натпреварот може да се купат по цена од 200 денари преку продажната мрежа на МКТикетс.

Навивачите на Тиквеш во Кавадарци можат да купат билети во Стрит кафе, а на Воска, во Охрид може да ги набават во Т.А. Вис Пој. На денот на натпреварот, билети ќе може да се купат и на билетарата на националната арена „Тодор Проески“.

 

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО