Клоп потврди дека е во преговори за селектор на Германија

Директорот за глобален фудбал во Ред Бул, Јирген Клоп, потврди дека преговара со Фудбалскиот сојуз на Германија (ДФБ).

Германија во моментов е без селектор, откако Јулијан Нагелсман беше отпуштен по елиминацијата од Парагвај во 1/16 финалето на Светското првенство.

„Можам да потврдам дека преговараме. Работите се случија брзо. Јулијан си замина и ДФБ бара нов тренер. И да, тие преговараат со мене“, изјави Клоп за германската телевизија Магента.

Клоп (59) го тренираше Ливерпул од 2015 до 2024 година, а пред тоа ги водеше Борусија Дортмунд и Мајнц.

„Пред две години го напуштив Ливерпул и реков дека ми недостасува енергија за уште една година со Ливерпул. Сега сум подготвен. Времето е фактор. Имам договор со Ред Бул. Реков дека сум заинтересиран за преговори, тие ќе бидат интензивни. Исто така, треба да разговарам со мојот работодавач Оливер Минклаф. Веќе разговаравме на оваа тема“, рече германскиот тренер.

Тој истакна дека е подготвен да биде нов селектор на Германија, но потсети дека има договор со Ред Бул.

„Претпоставувам дека нема да ми застанат на патот. Тука сум 19 месеци таму, минав интензивен период. Подготвен сум. Штом ќе започнат разговорите, мислите летаат. Мора да спроведеме фундаментални реформи. Германскиот фудбал очигледно сега е на пресвртница. Мора да ги промениме работите од корен“, рече Клоп.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО