Катанец со Узбекистан стигна до четвртфиналето на Купот на Азија

Јужна Кореја се пласираше во четвртфиналето на Купот на Азија во фудбал што се одржува во Катар, откако во осминафиналето ја совлада Саудиска Арабија со 4:2, по подоброто изведување пенали откако натпреварот заврши без победник, 1:1.

Тоа беше и судир меѓу двајца истакнати европски тренери/селектори. Саудијците ги предводи Италијанецот Роберто Манчини, а Корејците, Германецот Јирген Клинсман.

Саудијците поведоа во 46. минута со голот на Абдула Радиф и кога се чинеше дека ќе стигнат до четвртфиналето, за прв пат по 2007 година, Чо Гуе-Сунг израмни во деветтата минута од судиското надополнување на времето.

Во дополнителните половина час немаше голови, па прашањето за победникот го решаваа пеналите. Херој стана корејскиот голман Хјеон-Ву Џо кој ги одбрани ударите на Сами ал Неџеи и на Абдулрахман Гареб во втората и во третата серија. Од друга страна сите играчи на Кореја беа прецизни.

Во четвртфиналето Кореја ќе игра со Австралија.

Узбекистан предводен од словенечкиот стручњак Среќко Катанец, своевремено и селектор на Македонија,  исто така се пласираше во четвртфиналето благодарение на победата против Тајланд со 2:1.

Противник на Узбекистан во четвртфиналето ќе му биде домаќинот и бранител на титулата Катар, кој ја елиминира Палестина со 2:1.

Во последните два осминафинални натпревари (денеска) се среќаваат Бахреин – Јапонија и Иран – Сирија.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО