Како реакција на масакрот во Москва: Германија ќе воведе засилени гранични контроли за време на ЕП

Германија ќе воведе привремени гранични контроли како дел од засилените безбедносни мерки за време на Европското првенство (ЕП) фудбал на кое е домаќин летово, изјави министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер.

ЕП кое почнува на 14 јуни и ќе трае до 14 јули, се очекува да привлече 2,7 милиони навивачи на стадионите и до 12 милиони на разноразни јавни настани низ целата земја.

– За ЕП уште посилно ќе ги здружиме безбедносните органи на повеќе нивоа и се подготвуваме за сите можни закани. За време на турнирот ќе спроведеме привремени гранични контроли на сите германски граници за да спречиме влез на потенцијално насилни лица, изјави Фезер за весникот „Рајнише пост“.

Ова е реакција на масакрот на концертот во Москва во кој загинаа најмалку 139 лица, а 180 беа ранети. Западните разузнавачки служби го поврзаа нападот со милитантната група Исламска држава, а Франција по нападот објави дека го подигнува предупредувањето за терористичка закана на највисоко ниво.

Германија веќе има привремени контроли на границите со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија како дел од нејзината борба против бандите шверцери на мигранти.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО