Ивановски во Ротердам ќе трча за олимписка норма за настап на ЛОИ во Париз

Најдобриот македонски атлетичар и државен рекордер во повеќе дисциплини, Дарио Ивановски во недела ќе настапи на маратонот во Ротердам, еден од најпознатите и најценетите во Европа.

На маратонот во Ротердам, Ивановски ќе се обиде да забележи време, односно А норма (2:08,10 часа), за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз 2024.

Државниот рекорд на Ивановски во маратон изнесува 2:08,26 часа, истрчан во Севилја во февруари годинава, поради што организаторот во Ротердам го вброи меѓу елитните тркачи и му го додели стартниот број 18.

Игор Јакимовски, тренерот и менаџер на Дарио Ивановски, објаснува на каков начин неговиот штитеник може да се пласира на најголемиот светски спортски собир годинава.

– Постојат три критериуми за настап на ЛОИ. Првиот е норма според остварен резултат, вториот е постигнување „светска ракинг квота“ (World rankings quota), а третиот, највреден национален резултат, без норма и ранкинг/квота, во дисциплините 100 и 800 метри и во маратон.

Секоја атлетска дисциплина има одреден и точен број учесници. Во маратонот предвидената бројка е 80. На листата со остварена норма се 69 (максимум по тројца од една држава). Моментално, на преостанатите 11 места се маратонци со просечен (среден) резултат, на два свои најдобри маратони.

Дарио моментално е 84-ти на оваа листа со просечен/среден резултат кој му носи 1.157 бодови (Валенсија 1.129 и Севилја 1.186).

Доколку тој во Ротердам истрча во време од 2:09,40 до 02:10,30 сигурно ќе биде на 75. или на 76. место и шансите да испадне од квотата до 80 се рамни на нула, истакнува Јакимовски.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО