Новак Ѓоковиќ во моментов е без тренер по разделбата со Горан Иванишевиќ. Светскиот тенисер број 1, Ѓоковиќ се’ уште не објави кој ќе го наследи Иванишевиќ, рече дека можеби ќе продолжи и без тренер, но пред Мастерсот во Монте Карло тренира со Ненад Зимоњиќ, некогаш најдобриот светски дубл играч.
Иванишевиќ сега му препорача на Ѓоковиќ да го ангажира Зимоњиќ како постојан тренер.
– Не знам уште колку време ќе игра Новак, зависи од него, но мислам дека во овој момент е со совршената личност, Зики. Тој е мој голем пријател, поминавме многу заедно, го сакам. Тој е одличен тениски стручњак. Сепак, најважно во целата приказна е тоа што го познава Новак.
На Новак сега не му треба нов тренер. Додека да го запознае, тој (Новак) ќе полуди по десет дена, а тренерот ќе се прашува што се случува. Мојата теорија е дека Балканец може да тренира секого, но само човек од овие простори може да тренира Балканец… Марјан (Вајда) е Словак, слични сме, додека Борис (Бекер) соработуваше многу добро со него, бидејќи тениски е многу интелигентна личност. Многу му помогна.
Јас и Зики се слушнавме, разговаравме уште пред да дознам дека Новак го поканил да сорботуваат, мислам дека тој е совршен за Новак. Може да му помогне и во тенисот. Новак знае се’, но можеби ќе му го каже истото на поинаков начин, со поинаков пристап, што ќе биде освежување за Новак. Зики го знае менталитетот на Ноле, заедно беа во Дејвис куп тимот, Зики беше и селектор на Србија, изјави Иванишевиќ во разговорот за српски „Спорт клуб“.