Иако многумина веруваа дека е прашање на време, од договорена соработка помеѓу Александар Зверев и Тони Надал – нема ништо. Германецот, трет на АТП листата, беше забележан како тренира со познатиот шпански тренер во Академијата Надал на Мајорка, но изгледа дека двете страни сепак не успеале да се договорат.
Како што пренесува „Билд“, иницијативата за прекин на разговорите дошла токму од Тони Надал. Тој посочил дека веќе има обврски поврзани со Академијата, како и со својата улога како директор на АТП турнирот на Мајорка, а имал и други причини зошто не сака да се впушти во нова тренерска авантура.
И покрај тоа, на Зверев му останува можноста повремено да тренира во академијата и да соработува со Тони во неформален контекст. Сепак, за германскиот ас тоа не е доволно – му е потребен постојан тренер кој ќе биде покрај него на најголемите турнири, токму таму каде што најчесто ги покажува своите слабости.