Американската тенисерка Коко Гоф (ВТА – 7) е првата полуфиналистка на овогодишното издание на Вимблдон, откако попладнево во четвртфиналето на женскиот турнир ја совлада сонародничката Џесика Пегула (ВТА – 4) со 4-6, 6-3, 6-3.
За 22-годишната Гоф ова е прво полуфинале на Вимлбдон, каде до оваа година не го помина ниту осминафиналето.
Воедно, ова е прво полуфинале за Гоф од Ролан Гарос во 2025 година, кога ја освои титулата во Париз, а американската тенисерка стана и најмладата по Марија Шарапова со пласман во полуфинале на сите четири грен слем турнири.„Победив одлична тенисерка и одлична личност како Џесика. Ова е голем успех за мене, бидејќи пред овогодишниот Вимблдон немав победа на трева две години“, изјави по натпреварот Гоф, која во полуфиналето ќе се соочи со победничката од дуелот меѓу Јапонката Наоми Осака (ВТА – 14) и Каролина Мучова од Чешка (ВТА – 9).
Бранителот на титулата Јаник Синер е првиот полуфиналист во машка конкуренција, а за да стигне до своето десетто грен слем полуфинале италијанскиот тенисер попладнево беше поуспешен од 36-годишниот Германец Јан-Ленард Штруф (АТП – 74) со 7-5, 7-6 (4), 6-3.
Синер во полуфиналето ќе игра против победникот од пресметката меѓу Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим (АТП – 4) и седумкратниот победник на Вимблдон, Србинот Новак Ѓоковиќ (АТП – 8).