Нова одлука на ФИФА предизвика реакции на Светското првенство, откако светската куќа на фудбалот ја одби жалбата на Франција за поништување на жолтиот картон на Михаел Олисе.
Со тоа, францускиот репрезентативец ќе настапи против Мароко со ризик да го пропушти евентуалното полуфинале.
Олисе беше опоменат во судиското продолжение од осминафиналниот натпревар против Парагвај, кој Франција го доби со 1:0.
Селекторот на Франција, Дидие Дешамп, откри дека ФИФА ја одбила жалбата на Француската фудбалска федерација.
– Утрово добивме одговор од ФИФА. Жолтиот картон останува – изјави Дешамп пред четвртфиналниот дуел со Мароко.
Тоа значи дека Олисе ќе биде суспендиран за следниот натпревар доколку заработи нова јавна опомена.