(ФОТО) Дарио Ивановски: На ред е трката на мојот живот, на Олимписките игри во Париз

Дарио Ивановски, најдобриот македонски атлетичар и државен рекордер во повеќе дисциплини, во неделата, на Европското првенство (ЕП) во Рим, постави нов државен рекорд во полумаратон (1:04,01 часа).

Тоа рекордно постигнување е потврда за неговата висока класа и поттик за нов, добар резултат на Летните олимписки игри (ЛОИ), на кои Ивановски ќе настапи во најтешката атлетска дисциплина, маратон.

По трката на ЕП зачинета со нов рекорд и пред настапот на ЛОИ во Париз, Ивановски се огласи на Фејсбук.

„Почитувани пријатели и подржувачи. За мене заврши последната трка пред почетокот на една од моите животни цели, вистинската љубов и пасија за која живеам целиот живот. Оние кои ме знаат добро, знаат колку труд и жртви вложив да бидам дел од Олимписките игри во Париз.

На Европското првенство го дадов максимумот со оглед на тоа во каков период на опоравување минав по маратоните и „бркотницата” за да влезам во ранкингот за олимпискиот сон. Кога ќе ме прашаа како се чувствувам, дали сите овие настапи ме имаат исцрпено, им одговарав кратко…Гладен сум!

Бев свесен дека по четири истрчани маратони во период од пет месеци ќе имам некоја ситна последица, но оставив на „Бог“ да ме држи здрав и жив, а јас да останам мирен и фокусиран до крајот на ова патешествие.

Европското првенство беше еден добар тест за тоа дека телото и нервниот систем ми се добро опоравени, а јас повторно останав гладен, за најдоброто што следува од мене. На ЕП завршив на 29-то место меѓу 60-на натпреварувачи и поставив нов државен рекорд. Во ваква состојба конкурентен сум во Европа, трчав рамо до рамо со големи шампиони и докажани атлети.

За 10-на дена заминувам  во„Чојо камп Европа (#chojocampeurope #soundmindsoundbody) и таму ќе останам до Олимписките игри. Ви благодарам на сите кои сте дел од мојот олимписки сон“, истакнува Ивановски.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО