Евролигата го казни Монако – нема да може да регистрира нови играчи

Раководството на Евролигата донесе строга одлука и му изрече санкции на кошаркарскиот клуб Монако, кој во наредниот период нема да смее да регистрира нови играчи и тренери.

Причината за казната се финансиски неправилности и непочитување на регулативите на Евролигата поврзани со финансискиот фер-плеј, како и административни пропусти во доставувањето на потребната документација. Покрај забраната за трансфери, на францускиот клуб му е изречена и парична казна.

Забраната за регистрација на нови кошаркари ќе остане на сила сè додека Монако целосно не ги среди финансиските обврски и не ги исполни сите услови што ги наложи Евролигата. До тогаш, клубот нема да има можност да прави промени во ростерот, што може сериозно да влијае на резултатите во продолжението од сезоната.

Оваа одлука доаѓа во чувствителен момент за Монако, кој има високи амбиции во Евролигата и во домашното првенство. Со оглед на густ распоред, повреди и потреба од ротации, забраната може да претставува голем хендикеп за екипата.

Од Евролигата најавија дека ќе продолжат со строга примена на правилата и дека ваквите санкции се порака до сите клубови дека финансиската дисциплина нема алтернатива.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ


НАЈНОВО