Евролига: Црвена ѕвезда доживеа историски, срамен пораз во Истанбул

Црвена ѕвезда претрпе тежок пораз на гостувањето во Истанбул, во 34. коло од Евролигата, од Анадолу Ефес со дури 45 поени разлика, 55:100!

Пред последното, 34. коло од Евролигата, „црвено – белите“ беа без никакви шанси за пласман во плеј-офот, но се очекуваше да се борат за „српската чест“ во Истанбул.

Поточно, доколку славеа против Ефес, тогаш Партизан со евентуална победа над Валенсија, ќе обезбедише пласман во дополнителниот плеј-оф, популарно наречен „плеј-ин“.

Но, не само што Црвена ѕвезда не победи во Истанбул, туку напротив, доживеа еден од најтешките порази во 79-годишната клупска историја, воедно и најголем пораз во Евролигата.

Најголемиот пораз во клупската историја кошаркарите на Ѕвезда го претрпеа во 1963 година, кога Олимпија ги победи со 54 разлика (140:86).

Тие поставија и негативен рекорд во Евролигата. Најголемиот пораз досега им беше 53:91 (38 поени) од Химки, во 2015 година, а сега успеаја да го „надминат“ тој рекорд за дополнителни седум поени.

Натпреварот го одбележа и исклучувањето на ветеранот Милош Теодосиќ, кој не се смири по првата техничка во третиот период. Продолжи да им проговара на судиите, кои потоа му доделија втора, па исклучување…

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО