Словенецот Тадеј Погачар победи нa 107-то издание Џиро д’Италија, на дебито на легендарната велисипедска трка што заврши вчера во Рим. Погачар, кој има и две победи на Тур де Франс (во 2020 и 2021-та), доминираше, беше во лидерската, „розева маичка“ од втората етапа и победи на шест од вкупно 21 етапа.
Тој победи со најголемата вкупна разлика од 1965 година, со предност од 9,56 минути пред второпласираниот Даниел Мартинез од Колумбија, додека Британецот Герент Томас на третата позиција, доцнеше 10,24 минути.
– Немам зборови, тешко е да се опише овој момент, неверојатно е. Многу убави спомени, за некое време ќе сфатам кој беше најдобриот момент, но генерално мислам дека ова беше навистина убав Џиро, изјави 25-годишниот Погачар.
Погачар ќе настапи и на Тур де Франс (почнува на 29 јуни) и ќе се обиде да стане првиот велосипедист, по Италијанецот Марко Пантани во 1998 година, кој ги освоил Џиро и Тур, во истата сезона.
Данецот Јонас Вингегард победи на последните две изданија на Тур де Франс, но неговата подготвеност е под голем знак прашалник по падот и тешките повреди на трката во Баскија во април.