Џани Инфантино: Поостри казни за тимовите што толерираат расисти на стадионите

Првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино препорачува тимовите чии навивачи расистички ги навредуваат противничките фудбалери да ги губат мечевите со службен резултат.

Ова доаѓа по двата инцидента минатиот викенд во Италија и во Велика Британија, кои Инфантино ги опиша како „целосно одвратни и целосно неприфатливи“.

„Мораме да спроведеме автоматско губење на мечот за тимот чии навивачи расистички се однесуваат и предизвикаат прекин на натпреварот“, напиша Инфантино на платформата на социјалните мрежи X.

Тој додаде дека одговорните треба да се соочат со суспензија на стадионите и со кривични пријави.

Во моментов постои процес во три чекори доколку фудбалскиот натпревар е прекинат поради расистички испади. Мечот се прекинува двапати пред целосно да се прекине, но Инфантино вели дека тоа не е доволно.

Победата на Милан на гости против Удинезе беше нарушена со наводните расистички скандирања. Играчите го напуштија теренот во знак на поддршка на францускиот голман Мајк Маињан, кој изјави дека слушнал, како што рече, „звуци на мајмуни“ од толпата на стадионот „Фриули“.

-Не смее да се дозволи расизмот да го достигне ова ниво, изјави Маињан по мечот.

Вториот инцидент се случи во втората лига на Обединетото Кралство кога натпреварот Ковентри- Шефилд венсдеј неколку минути беше прекинат по наводната расистичка злоупотреба насочена кон играчот од средниот ред на Ковентри, Кејси Палмер.

Шефилд инцидентот го нарече „целосно неприфатлив“, додавајќи дека соработуваат со полицијата во Јужен Јоркшир за да ги идентификуваат одговорните.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО