Брахим Дијаз одлучи да игра за репрезентацијата на Мароко, пренесува „Марка“. Според изворот, шпанската кралска фудбалска федерација (РФЕФ), не покажала поголемо интересирање за 24-годишниот Брахим, кој потекнува од младинската школа на Манчестер сити.
Тој има одиграно само еден натпревар и дадено еден гол за репрезентацијата на Шпанија, во контролката против Литванија (4:0) во јуни 2021 година. Оттогаш па досега, Дијаз не доби шанса за уште еден настап за Шпанија.
Тој би можел да дебитира во дресот на Мароко уште овој месец, доколку биде повикан за пријателските натпревари против Ангола (22 март) и Мавританија (26 март).
Брахим Дијаз е роден во Малага, мајку му е Шпанка, а татко му Мароканец. Тој ја претставуваше репрезентацијата на Шпанија во сите возрасни младински конкуренции. Во 2016 година ја освои титулата европски првак со селекцијата до 17 години.
Од РФЕФ инсистираат дека го третирале Дијаз исто како и другите играчи кои имале можност да претставуваат повеќе од една земја, додавајќи дека не ја разбираат неговата одлука.
– Секој е слободен да доносува свои одлуки. За мене има три чекори за да бидат повикани: прво, дека ги исполнуваат условите, второ дека сакаат да играат за репрезентацијата и трето, селекторот е тој што ги бира, изјави селекторот на Шпанија. Луис де ла Фуенте.
Од друга страна се наведува дека селекторот на Мароко, Валид Реграги одиграл клучна улога во конечното убедување Дијаз да ја избере северноафриканската земја.