Бобан си заминува од УЕФА: Чеферин сака на насилен начин да остане претседател

Легендарниот хрватски фудбалер Звонимир Бобан кој беше еден од главните оперативци и близок соработник на претседателот Александер Чеферин, ја напушта Европската фудбалска унија (УЕФА).

Причината за тоа, како што вели Бобан, се обидите на Чеферин за останување на челната позиција подолго отколку што треба, според него, на насилен начин.

На крајот од минатата година, Чеферин почна да се залага за промени во статутот на УЕФА, што би му овозможиле четврти претседателски мандат.

Сегашниот мандат на Словенецот му истекува во 2027 година, и според статутот тој повеќе не може да се кандидира за таа функција, односно не може да не биде на власт повеќе од 12 години.

Според Бобан, тој насилно се обидува да си го продолжи владеењето во уште еден мандат. За тоа ќе му треба мнозинството гласови од членките на УЕФА на Конгресот во Париз на 8 февруари.

– Зборував со претседателот на УЕФА за тоа што се случи на последниот состанок на Извршниот комитет на УЕФА во Хамбург во врска со измените на статутот. Откако ја изразив мојата најголема загриженост и моето целосно несогласување со методот и со самиот предлог, тој ми одговори дека за него не постои правен или морално-етички проблем и дека ќе продолжи со оваа, според мене, погубна идеја, изјави Бобан.

Парадоксално, Чеферин беше тој што предложи и го започна пакетот реформи во 2017 година кои требаше да ги заштитат УЕФА и европскиот фудбал од лошото менаџирање, што беше „модус операнди“ на стариот, корумпиран систем.

– Главните две точки на реформите беа дека ниту претседателот ниту членовите на ИК не можат да се кандидираат повеќе од трипати. Беше воведена старосната граница од 70 години за сите членови на ИК. Со тоа Чеферин ја заслужи почитта на целата фудбалска јавност и стана несомнен морален авторитет, и за многумина водич за подобар и потранспарентен фудбал, вели Бобан.

Но отстапувањето од овие вредности и промените во главните реформи се тешко разбирливи, особено во ова деликатно фудбалско време.

– Не глумам никаков херој, но добро знам дека многумина се со истото мислење, можеби наивно, но исправно. Во овие три години односот и соработката со Чеферин и со сите мои колеги во УЕФА беа одлични. Им благодарам за тоа, им посакувам се’ најдобро. Жал ми е и тажен сум, но ја напуштам УЕФА, истакнува Бобан.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО