Неверојатни бројки: Барселона со најлоша трансфер политика во последните 10 години!

Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) со седиште во Нојшател, Швајцарија, објави интересни податоци за работењето на клубовите, на и надвор од терените.

Во најновата студија на ЦИЕС набројани се 50 клубови во светот со најпозитивни и со најнегативни трансфер салда поврзани со играчи кои не се од нивните академии, а ги ангажирале и ги продале во периодот од 2014 до 2023 година.

Листата на клубови со најнегативно салдо ја предводи Барселона и во тоа убедливо предничи. Во последните 10 години Каталонците потрошиле речиси неверојатни 1,25 милијарди евра за купување играчи или во просек 125 милиони евра годишно.

Од друга страна од продажбата заработиле 613 милиони евра, што значи дека се во загуба од 631 милион евра!

Во купот лоши трансфери кои Барселона ги направи во овој период, се издвојува доведувањето на Филипе Кутињо од Ливерпул за 124 милиони евра, кого на крајот му го продаде на Астон вила за 20 милиони евра.

Барселона е далеку пред вториот на листата, Челси, кој е во загуба од 483 милиони евра, најмногу поради купопродажбите на Жоржињо, Пулишиќ и Рудигер. Следи уште еден лондонски клуб, Арсенал со загуба од 436 милиони евра.

Листата од пет најголеми загубари ја затвораат ПСЖ (410 милиони) и уште еден англиски клуб, Манчестер јунајтед (328 милиони евра).

Клубот кој остварил најголема заработка во минатата деценија од трансферите на играчи кои не потекнуваат од клупската академија е францускиот Лил. Тие за доведување играчи потрошиле 241 милион евра, но од друга страна од нивната продажба заработиле 627 милиони евра, што е добивка од 386 милиони евра.

Лил профитот го направил на играчите како Пепе, Осимен, Ботман и други.

Втор на листата е Ајакс, кој остварил вкупен профит од 317 милиони евра на играчи како Де Јонг, Антони и Лисандро Мартинез, потоа следуваат Салцбург (233 милиони евра), Монако (218 милиони) и Лајпциг (216 милиони евра) итн.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО