Блинкова ја елиминира Рибакина во најдолгиот тај-брејк на грен-слем турнирите

Ана Блинкова и Елена Рибакина одиграа епски натпревар од второто коло на Австралија опен што беше решен во најдолгиот тај-брејк досега во историјата на еден грен-слем турнир во женска конкуренција.

Според поените, 42, и времетраењето од 31 минута, тоа беше најдолгиот тај-брејк.

На Русинката Блинкова и беа потребни 10 меч поени за да ја победи ланската финалистка и шампионката од Вимблдон 2022-та, Рибакина од Казахстан, со 6:4, 4:6, 7:6 (22:20) и да се пласира во третото коло.

– Беше супер тешко. Имав толку многу меч топки. Се обидував да бидам агресивна, но раката ми се тресеше. И нозете, исто така! Овој ден ќе го паметам до крајот на животот,  изјави Блинкова, 57-ма на ВТА ранг-листата.

Рибакина пак пропушти осум меч топки во возбудливиот натпревар во Мелбурн парк, што траеше 2,46 часа.

Претходно најдолгиот женски тај-брејк го одиграа Украинките Лесија Цуренко и Ана Богдан, лани во третото коло на Вимблдон, 4:6, 6:3, 7:6 (20:18).

Тие 38 поени се идентични со машкиот рекорд од првиот сет во победата на Енди Родик над Жо-Вилфрид Цонга на Австралија Опен во 2007 година. Родик го загуби тај-брејкот, но победи во четири сета.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО