Шампионот во Бундеслигата, тимот на Баерн Минхен, со победата над Лајпциг попладнево, останаа во живот и евентуална битка до крајот на сезоната за титулата.
Баварците на домашен терен беа подобри од Лајпциг со 2:1, а херој на оваа средба за домаќините беше англискиот фудбалер Хари Кејн, кој во самиот финиш им донесе големи три бода.
Во првиот дел мрежите мируваа, а екипите не беа расположени за постигнување голови. Возбудувањата дојдоа во вториот дел. Хари Кејн во 56. минута им носи предност на домаќините на асистенција од Мусијала, а десетина минути подоцна, гостите преку Шешко доаѓаат до егал ситуација на 20 минути пред крајот на средбата.
Кога сите мислеа дека натпреварот ќе заврши без победник, повторно стрелец за домаќините е Хари Кејн, овој пат за конечен триумф и важни бодови.